Холандија дефинитивно е најмалерозната репрезентација кога станува збор за повредите во пресрет на ЕВРО 2024. Во текот на вчерашниот ден беше објавено дека најпрвин Френки де Јонг, а потоа и Теум Копмајнерс отпаднаа од комбинација за настап на ЕП, а денеска стигнува нова лоша вест за селекторот Роналд Куман.
Имено, голгетерот Брајан Броби не го издржа денешниот тренинг, откако се пожали на болка во мускулот на ногата и веднаш се упати кон соблекувалната, од каде придружуван од репрезентативниот лекар замина во клиника на детални лекарски прегледи. Асот на Ајакс играше во одлична форма на клупско ниво, се очекуваше да биде адут од клупата на Куман на овој европски шампионат, но сега е голема опасноста Броби во последен момент да отпадне од комбинација за ЕВРО 2024.
Само за потсетување, Куман во последниот месец остана и без помошта на Де Рон, Тимбер и Вифер, па „лалињата“ значително ослабени ќе отпатуват на претстојниот европски шампионат.
Холандија својот премиерен меч од ова ЕП ќе го игра в недела против селекцијата на Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

