Френк Лампард при доаѓањето на клупата на Челси најави дека е подготвен да им даде шанса на сите фудбалери да се докажат дали заслужуваат да останат дел од лондонскиот клуб. По дваесетина дена тренинзи и неколку одиграни натпревари, Лампард донесе одлука да се откаже од двајца фудбалери за врска, кои според него не можат да се снајдат во стилот на игра што поранешниот англиски репрезентативец ќе го наметна во Челси.
Станува збор за Темуе Бакајоко и Дени Дринквотер, кои добија зелено светло во следните десетина дена до истекот на преодниот рок во Англија да си најдат нови клубови. Бакајоко беше најавуван како големо засилување од Монако, но се покажа како супер-промашување. Сари минатото лето го испрати на позајмица во Милан, но играчот за врска се покажа како максимално проблематичен, влегуваше во конфликт со тренерот Гатузо и со соиграчите, па јасно е зошто „росонерите“ воопшто не испратија понуда за да го откупат неговиот договор.
Дринквотер пристигна од шампионскиот тим на Лестер, но никогаш не се наметна како значаен играч во Челси. Последниот меч за „сините“ го одигра пред една година, а по ваквиот став на Лампард јасно е дека Дринквотер ќе мора среќата да си ја побара на друго место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА