Маурицио Сари до крајот на оваа седмица ќе си замине од Челси и ќе се пресели на клупата на Јувентус, а челниците на лондонскиот клуб веќе го избрале главниот кандидат за менаџер за наредната сезона. Иако се шпекулираше со имиња како Алегри, Мурињо и Бенитез, „сините“ избраа поинаква опција, па сакаат на „Стемфорд бриџ“ да го вратат Френк Лампард.
Клупската легенда беше поврзувана со преземање на Челси и во текот на сезоната, тогаш Лампард од почит кон Сари воопшто не сакаше да преговара, но сега ситуацијата е поинаква – Италијанецот се враќа во татковината, а менаџерското столче во Челси е испразнето. Весникот „Дејли Мејл“ тврди дека официјалните преговори меѓу Лампард и Челси се веќе стартувани и кај двете страни постои оптимизам дека може да биде постигнат договор веќе на почетокот од следната седмица.
Лампард во текот на денешниот ден беше забележан на заеднички состанок со Дидие Дрогба, по што се појавија информации дека новиот стратег е подготвен да му понуди на својот поранешен соиграч место во стручниот штаб. Дрогбa ја заврши својата кариера и враќањето во Челси е сериозна опција за него, но се уште е неизвесно дали тоа ќе биде како дел од стручниот штаб на Лампард или пак ќе му биде понудена директорска понуда во клубот во кој ги мина најблескавите моменти во својата кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА