Лани беше член на МЗТ, сега потпиша во шпанската АЦБ лига

Шпанскиот прволигаш Џирона денеска доведе квалитетно засилување во своите редови, играч добро познат на македонската јавност бидејќи неколку години успешно настапуваше најпрвин за Академија ФМП, а потоа и за МЗТ Скопје.

Американскиот плејмејкер пред нецели две години заедно со тренерот Петровиќ дојде од ФМП во МЗТ, давајќи сериозен придонес за влезот во АБА1 и освоената шампионска титула. Сепак, долгувањата и неисполнетите ветувања на управата кон него беа причина Ајви пред околу една година да си замине од таборот на МЗТ и да се пресели во Полска. Токму тој трансфер го означи „почетокот на крајот“ на МЗТ во АБА1, бидејќи се случи непосредно пред домашниот дуел со Борац Чачак што „металците“ го загубија.

Ајви летово се пресели во литванскиот шампионат, во дресот на Утенос Јувентос бележејќи одлични бројки од 14,4 поени, 3,6 скокови и 3,4 асистенции по натпревар, што беше препорака тој да се пресели во силната шпанска лига и да го облече дресот на Џирона.

Поранешниот кошаркар на МЗТ веќе е регистриран како ново засилување и своето деби во АЦБ-лигата ќе го има веќе викендов, против екипата на Басконија.

Се вчитува...