Лани примаше голови од Вардар, сега ќе го наследи Алисон во Рома

Раководството на Рома експресно најде нов голман што ќе го наследи Алисон Бекер по неговиот редкорден трансфер во Ливерпул вреден 72 милиони евра. Станува збор за чувар на мрежата што минатото лето го гледавме и во Скопје, Швеѓанецот Робин Олсен кој доаѓа на „Олимпико“ од редовите на ФЦ Копенхаген. Тој беше на голот на данскиот првак на двомечот против Вардар во квалификациите за ЛШ, прими по еден гол и во Скопје и во Копенхаген, но на крајот сепак се радуваше на пласман во следната рунда. Олсен се истакна со серијата одлични настапи на голот на Шведска за време на СП 2018, со што го привлече вниманието на неколку клубови, за на крајот за своја следна дестинација да ја избере Рома.

Директорот Мончи продолжува со „домаќинска“ работа, па така за новиот чувар на мрежата плати шест пати помалку пари од отштетата што ја доби за Алисон. Висината на трансферот на Олсен изнесува 12 милиони евра, а според шведските медиуми новиот голман во следните 24 часа ќе допатува во Италија, по што по лекарските прегледи ќе се приклучи на тимот, кој веќе тргна на турнеја во САД.

„Римската волчица“ ги финализира и преговорите за Бразилецот Малком, за кого се интересираа неколку клубови ширум Европа. Фудбалерот веќе ги договори личните услови и останува уште клубовите да се договорат во следните 48 часа, за сума за која медиумите шпекулираат дека ќе се движи околу 40 милиони евра.

Се вчитува...