Младиот 39-годишен фудбалски стратег Марко Силва е изборот на Хал за нов менаџер на овој англиски премиерлигаш, неполни 24 часа откако му беше врачен отказ на Мајк Филан. Пред Силва, кој веќе пристигна на „островот“ и го одржа првиот тренинг со фудбалерите, е тешка задача да се обиде да се избори за опстанок во елитното англиско фудбалско друштво.
Португалецот лани го предводеше Олимпијакос до титулата во Грција, притоа остварувајќи рекордни 17 победи во низа, но сепак остана без ангажман. Тој ги прифати понудените услови од Хал, да остане во клубот до крајот на сезонава, а доколку обезбеди опстанок да потпише и нов договор со оваа екипа, каде со себе ги зеде своите помошници од Олимпијакос, Жоао Педро Соуса, Гонсало Педро и Хуго Оливеира.
„Марко е млад тренер кој импресионира со својата филозофија и стилот на игра на кој инсистира. Има одлични резултати во последно време и веруваме дека може да ни помогне да ја оствариме целта – опстанок во лигата. Свесни сме дека се неопходни и играчки освежувања, веќе се консултираме со Марко Силва за засилувањата што ќе ги доведеме во јануари“ – изјави потпретседателот на Хал, Ехаб Алам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА