Манчестер Сити славеше на контролниот натпревар со Баерн Минхен со 2-1, како дел од подготовките на двете екипи на турнејата низ Азија. Очекувано, двајцата тренери им дадоа шанса на сите фудбалери, никој не одигра повеќе од едно полувреме, а Сити на крајот се радуваше на победата благодарение на погодокот на Лапорт.
„Граѓаните“ го добија првото полувреме со 1-0 со голот на младиот Мекати, кој се најде на вистинското место, натрча на една одбиена топка од голманот Зомер и од непосредна близина ја смести во мрежата.
Двајцата тренери направија бројни замени во вториот дел, кај Сити влегоа Халанд и Фоден, но норвешкиот голгетер овојпат немаше многу шанси да се докаже. Баерн на десетина минути до крајот успеа да израмни преку Тел, кој слично како и Мекати немаше тешка задача од неколку метри да шутира кон мрежата.
Сепак, тоа не беше крајот на возбудувањата бидејќи Лапорт го врати европскиот првак во водство и му ја донесе победата, откако шпанскиот дефанзивец одлично се снајде во една мешаница, наоѓајќи го патот до мрежата на баварскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

