Ејмерик Лапорт со зимскиот трансфер во Манчестер сити стана еден од најскапите светски дефанзивци, имаше добри партии во дресот на „граѓаните“, па големо изненадување е што овој фудбалер не се најде на списокот на француската репрезентација за СП 2018 што синоќа беше објавен од страна на Дидие Дешамп. Во ситуација кога Кошиелни е повреден се очекуваше Лапорт да биде стартер, а сега Французите стравуваат дека овој фудбалер би можеле да го загубат не само за мундијалот, туку и засекогаш – поради неговата поврзаност со Шпанија.
Имено, шпанскиот селектор Лопетеги својот список ќе го објави на 21 мај, а големи се шансите на него да се најде и 23-годишниот фудбалер на Сити, кој планира да го промени „фудбалскиот пасош“. Иако е роден во Франција, Лапорт целата кариера ја мина во Шпанија, носејќи го дресот на Атлетик Билбао пред трансферот во Сити.
Иако претходно настапуваше за младинските селекции на Франција, тој беше игнориран од селекторот Дешамп, конечно повикан за квалификациските средби со Холандија и со Бугарија, но не влезе во игра на ниту еден од овие два меча, со што има право, без ниту еден сениорски настап за „триколорите“, да го промени фудбалскиот пасош и да заигра за друга земја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА