Жоан Лапорта не го криеше воодушевувањето по триумфот на Барселона на градското дерби со Еспањол, со кој каталонскиот гигант се врати на тронот на шпанската Ла Лига.
Фудбалерите на Барселона долго во ноќта ја славеа шампионската титула, а Лапорта еуфорично го потврди она што сите навивачи на Барса сакаат да го слушнат – дека клубот ќе ги интензивира преговорите со Лео Меси за враќање на аргентинскиот генијалец на „Камп Ноу“. Меси бил еден од првите кои му ја честитале титулата на првиот човек на клубот, уште еден доказ дека е заинтересиран за камбек.
„Ќе направиме се што е во наша моќ за да го вратиме Меси, ви го ветувам тоа“,порача Лапорта преку клупската телевизија.
Претседателот на Барселона потоа се осврна и на освоениот шампионски трофеј, потенцирајќи го тренерот Чави како една од клучните фигури за успехот.
„Чави работеше толку напорно за да ни донесе квалитетен фудбал, знаење и работна етика. Тој заслужува да биде издвоен како најзаслужен за трофејот. Ова е историска титула, ја освојуваме на четири кола до крајот, што е голема работа. Таа е резултат на напорниот труд и талентот што го поседуваме. Честит,и до играчите, тренерите, управата, на сите вработени во клубот. Ова е за сите вас, вие сте шампиони. Успеавме да го спасиме клубот, да го опоравиме и да ја вратиме радоста во Барселона, тоа го гледаме и по публиката на стадионот. Сакам ова да биде првата титула во низата трофеи што ќе ги освојуваме во новата ера на Барса“, истакна Жоан Лапорта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

