Конфликтот меѓу Чави и Жоан Лапорта се уште е „жежок“, а првиот човек на Барселона на крајот од сезонава ќе донесе одлука дали да го задржи поранешниот капитен во клубот. Како што е познато, Лапорта успеа да го убеди Чави да се премисли и да остане да ја одработи последната година од договорот со Барса, но првиот човек на клубот потоа збесна по коментарите на тренерот дека со ваков тим каталонците тешко дека ќе можат да се носат со Реал, кој дополнително ќе се засили со Килијан Мбапе во текот на летово.
Чави „висеше“ во следните 48 часа по таа изјава, одлуката на крајот беше одложена, а Лапорта се уште нема „пресечено“ дали да го отпушти тренерот или да му даде нова шанса. Она што го спречува брзиот отказ е фактот дека разделбата би ја чинела Барселона огромни 20 милиони евра бруто (платата на Чави, плус данокот кон државата), сума што дополнително би ја продлабочила финансиската криза на каталонскиот гигант.
При претходниот договор за разделба Чави беше подготвен да ја прости платата за последната сезона и да се повлече од кормилото. Сепак, сега ситуацијата е поинаква, тој беше молен да остане, на крајот прифати, па смета дека отказ на крајот од сезонава ќе значи и негово понижување, за што ќе бара исплата на преостанатите пари од договорот.
Пред Лапорта е тешка одлука, па останува да се види во кој правец ќе пресече првиот човек на каталонскиот гигант. Ако Чави биде отпуштен, главен кандидат за негов наследник е Рафаел Маркез, кој моментно работи во младинската школа на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

