Барселона игра крајно променливо сезонава, а една од причините дефинитивно е и слабата форма на Роберт Левандовски, извонредниот голгетер кој никако не успева да се снајде во тактичките замисли на тренерот Чави. Екс-фудбалерот на Баерн влегува во шанси многу потешко отколку во својот поранешен клуб, а и кога ќе се најде во ситуација за постигнување гол, се мачи да го најде патот до противничката мрежа.
Разочарани се навивачите, но што е уште поважно, разочаран е и првиот човек на Барселона, Жоан Лапорта. Каталонскиот весник „Спорт“ обелодени дека претседателот на Барселона веќе закажал состанок со Левандовски и со неговиот агент, што е лоша вест за голгетерот. Лапорта планира да стави до знаење дека очекува подобри изданија од големиот ас, но и дека од него ќе очекува „жртва“ ако Левандовски планира да ја одработи и третата сезона од тригодишниот договор што го потпиша со Барса.
Имено, тој е убедливо најплатен фудбалер на Барселона, а ставот на управата е јасен – Левандовски ќе мора да се согласи на намалување на платата ако сака да остане член на каталонскиот гигант, во спротивно ќе биде продаден. На каталонците им е јасно дека следното лето ќе биде последна шанса за да заработат од продажбата на голгетерот, а во ситуација кога клубовите од Саудиска Арабија нудат богатство за играчи од највисока класа на залезот на кариерата, јасно е дека Лапорта ќе стори се за да го турне Левандовски што поблиску до излезната врата.
Според истите извори, и самиот Левандовски размислува за трансфер поради слабата форма под водство на Чави. Останува да се види текот на преговорите, Полјакот дефинитивно ќе ја заврши сезонава во дресот на Барселона, но неговиот агент би можел веќе во јануари да почне да разговара за летен трансфер на легендарниот голгетер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

