Лапорта „пецка“ пред новото „Ел Класико“: „Нашите односи со Реал се крајно лоши!“

Жоан Лапорта реши да „долее масло на огнот“ пред новото Ел Класико, во пресрет на вечерашното (20 часот) финале на шпанскиот Суперкуп против Реал Мадрид, кое се игра во Саудиска Арабија.

Претседателот на каталонскиот гигант беше во Џеда на прием организиран од Шпанската фудбалска федерација, каде што без резерва зборуваше за односите со Реал Мадрид, притоа без многу убави зборови.

„Нашите односи со Реал Мадрид се многу лоши и во моментов се нарушени. Секогаш можат да се подобрат, но во моментов ситуацијата е таква каква што е“, рече Лапорта, јасно алудирајќи на сериозна институционална криза меѓу двата најголеми шпански клуба.

Сепак, првиот човек на Барселона нагласи дека, без оглед на сè, почитта кон најголемиот ривал не смее и нема да исчезне.

„Ова не значи дека нема почит, бидејќи секогаш има почит, без разлика какви се односите. Така ќе се однесуваме. Во фудбалот, сè може да се подобри, но зависи од двете страни“, додаде Лапорта.

На теренот, сепак, нема да има компромис. Лапорта отворено рече дека Барселона навистина сака да го освои Суперкупот, што воедно би бил и првиот трофеј во оваа сезона.

„Постои силна желба да се освои овој трофеј. Заслужуваме да бидеме во финалето. Сите навивачи на Барселона сакаат да ја започнат годината со трофеј. Секогаш кога победуваме, тоа е обично првиот трофеј по ред. Тоа го поставува тонот. Ова е исклучително важен натпревар“, нагласи тој.

Големи пофалби му беа упатени и на новиот тренер на Барселона, Ханси Флик, за кого Лапорта тврди дека ја донел сериозноста и фокусот што се потребни пред вакви натпревари.

„Тимот е максимално фокусиран, а Флик не дозволува никој да ја изгуби концентрацијата. Тие работеа исклучително напорно и јас сум убеден дека ќе победиме“, рече Лапорта и дополни:

„Знаеме дека имаме исклучително кохезивен тим и дека тимскиот дух е посилен од оној на противникот, иако и Реал Мадрид има способност да победи“.

На крајот, Лапорта уште еднаш подвлече дека, и покрај нарушените односи меѓу клубовите, фокусот на Барселона останува исклучиво на теренот.

„Нашиот менталитет е победа, без оглед на соперништвото. Постои големо возбудување, желба да се игра добро и да се донесе радост на навивачите“, заклучи Лапорта.

Се вчитува...