Лапорта: Преговараме со УЕФА околу Суперлигата, гледам голема подготвеност кај Чеферин

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, во интервју за „Мундо Депортиво“ се осврна на Суперлигата, како проект кој беше прифатен од најголемите европски клубови во 2021 година, но тие набрзо се повлекоа, главно под притисок на навивачите.

Сепак, идејата и проектот за Суперлигата останаа живи, а Лапорта вели дека преговорите со УЕФА се во тек.

„Повторно се актуелизира темата за Суперлигата, што предизвика несогласувања, различни мислења и некои контроверзии. Секогаш се обидував да ја имам улогата на оној што гради мостови меѓу Суперлигата и УЕФА. Моментално сме во ситуација каде што има комуникација меѓу Суперлигата и УЕФА. Александар Чеферин назначи одредени луѓе од УЕФА кои разговараат со претставниците на Суперлигата со Бернд Рајхарт, извршниот директор на Суперлигата, и целиот негов тим, кој вклучува адвокати блиски до клубовите кои се дел од Суперлигата“, рече Лапорта.

„Постигнат е принципиелен договор, кој се базира на три блока. Најголем простор за договор и соработка постои во делот што се однесува на технолошката платформа. Мислам дека ова е добра вест и дека постои добра волја од двете страни. Барселона зазема став дека треба да се постигне договор и во рамките на Суперлигата го охрабруваме постигнувањето на тој договор. Дали е тоа интересно? Мислам дека, заради фудбалот, е позитивно што е постигнат договор што е можно поскоро“, продолжи претседателот на Барса и заклучи:

„Постои пресуда на Судот на Европската Унија што ја потврдува позицијата на Суперлигата и мислам дека тоа е важно. Но, уште поважно е фудбалскиот свет да биде обединет. Во моментов гледам голема подготвеност од страна на претседателот. Повторувам, Чеферин е способен човек на кого може да му се верува и токму на тоа работиме.“

Се вчитува...