Ласко Андоновски пред полуфиналето во Купот: Самиот пласман на Ф4 е успех за Пролет

Ракометарите на Тинекс Пролет со финални подготовки за завршниот турнир од Купот на Македонија кој од утре па до 13. мај ќе се одржи во салата „Билјанини Извори“ во Охрид.

Тинекс Пролет во полуфиналето утре ќе се сретне со екипата на Еурофарм Пелистер. Јасно е дека битолчани ја носат фаворитската улога, но факт е дека самиот пласман на овој фајналфор турнир е голем успех за тимот од Пролет, кој со подмладен состав успеа да триумфира во четвртфиналната група.

Капитенот Ласко Андоновски истакнува дека Тинекс Пролет ќе ужива на овој завршен турнир, без преголем резултатски притисок со оглед на фактот дека Еурофарм Пелистер ќе ја има улогата на голем фаворит.

„Наша цел од почетокот на 2023 година и заминувањето на неколкуте клучни играчи беше токму тоа – да се обезбеди пласман на фајналфор турнирот во Купот на Македонија и пресреќни сме што тоа ни се оствари. За сите нас е задоволство што ќе бидеме во Охрид во друштво на трите најдобри екипи во Македонија и секако дека ќе дадеме се од себе за да се покажеме во добро светло. Не е тајна дека Еурофарм Пелистер е голем фаворит, но ние ќе настојуваме да го покажеме она што го знаеме на терен, да бидеме дисциплинирани во нападот и да играме цврсто во одбраната. Заедничка цел е Тинекс Пролет да се покаже во добро светло на овој фајналфор турнир, верувам дека ќе го исполниме тоа“ – вели Ласко Андоновски во изјава за официјалната интернет страница на клубот.

Натпреварот меѓу Тинекс Пролет и Еурофарм Пелистер на програмата е утре со почеток во 17:30 часот.

Се вчитува...