Новиот очаен настап на Фернандо Алонсо, кој трката во Сочи ја заврши уште при загревачкиот круг, предизвика бура од реакции откако шпанските медиуми се погласно бараат нивниот миленик да ја прекине бламажата и да го раскине договорот со Мекларен. Еден од ретките кои не покажува ниту ронка милост кон Алонсо е легендата на Формула 1, Ники Лауда, кој смета дека Шпанецот самиот си е виновен за она што му се случува.
„Фернандо Алонсо се уште е еден од најдобрите возачи во Формула 1. Сепак, не разбирам зошто тој се жали кога самиот си е виновен за она што му се случува. Реши да си замине од Ферари предвреме, а кога веќе ја донесе таа одлука го избра тимот на Мекларен, за кого сите добро знаевме со какви проблеми се соочува. Тој и покрај се реши да потпише за овој тим, па не може сега да делува шокирано за нешто што ние во Ф-1 светот многу добро го знаевме“ – изјави Лауда.
Договорот на шпанскиот возач со актуелниот тим истекува на крајот од годинава, но Лауда, кој воедно е и директор во Мерцедес, стави крај на шпекулациите дека Алонсо во следната година би можел да го вози болидот на оваа екипа.
„Тој ќе има проблеми да си најде врвен тим бидејќи не верувам дека Ферари ќе го прими назад во своите редови. Што се однесува до Мерцедес, ние ги имаме Хамилтон и Ботас и воопшто не ни е потребен во нашите редови“ – дециден е на оваа тема Ники Лауда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА