Лаутаро: Со задоволство би останал во Интер до крајот на кариерата

Лаутаро Мартинез имаше причина да биде горд на себе откако со голот постигнат во Ротердам против Феенорд стана најдобар стрелец во историјата на Интер кога станува збор за број на погодоци во Лигата на Шампионите.

Синоќешниот гол беше вкупно 18. на Лаутаро за Интер во ЛШ, со што тој ја остави зад себе клупската легенда Сандро Мацола со 17 погодоци. Веднаш по мечот, Лаутаро уште еднаш ја потенцираше лојалноста кон „нероаѕурите“ истакнувајќи дека би сакал да остане во овој клуб до крајот на кариерата.

Аргентинецот е член на Интер од 2018 кога пристигна од Расинг Авеланеда во трансфер вреден 25 милиони евра. Тој е капитен и лидер на тимот, минатото лето потпишувајќи нов договор со „нероаѕурите“.

Толку сум горд, да бидам ваков рекордер во еден голем клуб каков што е Интер. Со задоволство би останал во овој клуб до крајот на кариерата. Секако, тоа ќе зависи од многу фактори, но јас имав бројни понуди и во минатите години, но приоритет секогаш ми беше останувањето во Интер, затоа и го потпишав новиот договор. Пресреќен сум овде, моето семејство е среќно во Милано и не гледам зошто би си заминал“, изјави Лаутаро.

Новиот договор на Аргентинецот истекува во јуни 2029 година. Тој досега има одиграно 319 официјални средби за Интер, притоа постигнувајќи 146 погодоци и 49 асистенции.

Се вчитува...