Македонија ЃП денеска требаше да ги започне зимските подготовки, но поради лошите временски услови, првиот тренинг во новата година е одложен за во петок.
Останати тимови од Првата лига ги започнаа подготовките, но од Македонија ЃП се одлучија сепак да одложат неколку денови како би се создале барем минимални услови за работа…
„Требаше денеска да ги започнеме зимските подготовки, но временските услови ни се најголемата пречка во моментов. Теренот е замрзнат, а и состојбата во соблекувалните е лоша. Ќе почекаме да се подобри температурата и сигурно во петок ќе го одржиме првиот тренинг во оваа година. Неколку играчи си заминаа, веројатно Фетаи, кој беше во Велазерими ќе ни се приклучи во тимот, а ќе се направат уште неколку играчки промени“ – ни изјави стратегот на „лавовите“, Јовица Кнежевиќ.
Македонија ЃП, со 15 бода, есенскиот дел од првенството го заврши на претпоследната позиција, единствено пред Брегалница која има 11 бода. Во првото пролетно коло, на 19. февруари, „лавовите“ го пречекуваат тимот на Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА