Македонија ЃП го освои Штип победувајќи ја Брегалница со 2-3 во 13. коло од Првата македонска фудбалска лига, со три погодоци постигнати во првото полувреме. Тензичен натпревар одиграа Тиквеш и Гостивар во Кавадарци во кој, иако и со двајца исклучени фудбалери, домаќините во 91. минута дојдоа до гол за реми (2-2) и покрај негативата од 0-2 во првио дел.
Работнички, пак, минимално со 1-0 но сосема доволно за три бода славеше против Силекс на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.
„Романтичарите“ до триумфот дојдоа со гол во второто полувреме. По корнерот од десната страна, одлично на вториот дирек се снајде Стефан Деспотовски кој во 54. минута од прва убаво погоди за предност на својот тим.
Македонија ЃП славеше со 2-3 гостувањето против Брегалница во Штип. „Лавовите“ дојдоа до убедливо водство со два извонредни погодоци со шутеви од 25 метри, и тоа за само три минути во првиот дел.
Најпрво во 23. минута капитенот Мишевски директно од слободен удар го совлада Давков. А, потоа во 26. минута нов одличен шут и на Драган Стојков од 25 метри и повторно на истото место совладан Давков.
Македонија ЃП имаше предност од 0-3 по првото полувреме со голот на Алији во 44. минута, но домашните по само девет минути игра во второто полувреме на извонреден начин успеаја да се вратат во игра.
Откако најпрво во 50. минута Велкоски од непосредна близина погоди за 1-3, веќе во 54. минута ремек-дело на Давид Калпачки кој со извонреден шут од околу 16 метри под самата греда погоди за 2-3. Но, тоа беше се од Брегалница, на крај за пораз од „лавовите“.
Во Кавадарци вистинска драма. Гостиварци дојдоа до водство благодарение на голот на Џелил Абдула во 12. минута кој следеше по феноменално изведениот слободен удар од 25 метри на Алпер Потук.
Во 33. минута главниот судија се одлучи да досуди крајно сомнителен пенал за гостите, се чини непостоечки ако се погледне дека немаше директен контакт меѓу двајцата фудбалери, а дефанзивецот на Тиквеш се обиде да ја исфрли топката од свое поле.
Но, и кај домашната публика која почна со шишиња да фрла на терен и кон помошниот судија, поради што натпреварот мораше да биде прекинат.
Интересно, на терен втрча и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев кој сепак беше смирен од капитенот на Тиквеш, Даниел Мојсов и од голманот Димовски. Па, натпреварот за кратко продолжи…
До крајот на полувремето, Тиквеш успеа да ја ублажи предноста на гостите со голот на Спахиу во 38. минута од средбата.
А, кога се чинеше дека Гостивар ќе победи, посебно откако во 71. минута и во 88. минута беа исклучени двајца фудбалери на Тиквеш, во 91. минута одлична акција на домашните која беше крунисана со голот на Ивановски за 2-2.
Во Охрид, пак, Воска Спорт и АП Брера одиграа без победник, 1-1. Воска Спорт најпрво поведе со голот на Јашароски во 61. минута.
Но, веќе во 65. минута Галевски погоди за 1-1.
ПМФЛ – 13. КОЛО
Штип: БРЕГАЛНИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП 2-3
Велкоски 50′, Калпачки 54′ – Мишевски 23′, Стојков 26′, Алији 44′
Скопје: РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС 1-0
Деспотовски 54′
Кавадарци: ТИКВЕШ – ГОСТИВАР 2-2
Спахиу 38′, Ивановски 90’+1 – Абдула 12′, Атиемвен 34′
Охрид: ВОСКА СПОРТ – АП БРЕРА 1-1
Јашароски 61′ – Галевски 65′
УТРЕ (13 ч.)
Скопје: ШКУПИ – ВАРДАР
Струга: СТРУГА ТЛ – ШКЕНДИЈА
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

