Македонија ЃП е есенски шампион во Втората македонска фудбалска лига со пет бода предност во однос на второпласираната штипска Брегалница, откако во денешното последно есенско коло убедливо со 0-4 славеше на гостувањето против Беласица во Струмица, а искористувајќи го поразот од 2-1 на Брегалница на гостувањето против Башкими во Куманово.
„Лавовите“ од Ѓорче Петров без апсолутно никакви проблеми дојдоа до трите бода денеска во Струмица, победата најавувајќи ја со двата гола на најдобриот стрелец во Втората лига, Симеон Христов уште во првиот дел од натпреварот кој доцнеше 30 минути поради силен дожд. Во второто полувреме погоди и Крсте Велкоски од пенал за 0-3, а Марио Станковски во самиот финиш заокружи на 0-4.
Башкими, пак, триумфираше во дербито против Брегалница со 2-1 со головите на Хамза Меметриза во 43. минута од средбата, и на 2-0 зголеми Хусеин Демири во 50. минута. Стрелец на голот за Брегалница беше Давид Калпачки во 64. минута. Па, сега Башкими дојде на третото место од табелата со само еден бод негатива од Брегалница.
Убедлива победа од 5-1 славеше Арсими против Вардар Неготино, а убедлив беше и Охрид пред своите навивачи победувајќи со 4-1 против Борец.
Натпреварот меѓу Каменица Саса и Скопје беше прекинат во 71.минута при резултат 1-1, откако неслужбени лица од надвор го нападнаа голманот на Скопје, Гоце Јовчев, при напуштање на теренот откако претходно доби црвен картон.
Вардарски во Богдански успеа да ја запише првата победа по враќањето во второлигашката конкуренција, во 15. коло сезонава триумфирајќи со 2-1 против екипата на Осогово.
Стрелци на головите за Вардар беа Филип Радевски во 30. минута и Илија Баламов во 74. минута, а голот на Осогово беше автогол на Христијан Бејков во 54. минута од средбата.
ВТОРА ЛИГА – 15. КОЛО
Арсими – Вардар Неготино 5-1
Беласица – Македонија ЃП 0-4
Охрид – Борец 4-1
Башкими – Брегалница 2-1
Победа – Детонит Плачковица 0-0
Новаци – Кожуф 0-0
Каменица Саса – Скопје 1-1 (прекин 71. минута)
Вардарски – Осогово 2-1
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА