Лазарески падна на допинг-тест, Петков на негово место патува на ЗОИ

Македонскиот Олимписки Комитет вчера на официјална прес-конференција ги претстави учесниците на претстојните Зимски Олимписки Игри, но денеска за жал стигнува шокантна информација.

Како што информираат од МОК, скијачот Мирко Лазарески поради позитивен допинг-тест нема да може да настапи на Олимпискките Игри, а на негово место шанса ќе добие Виктор Петков.

Во интерес на објективното и вистинито информирање на граѓаните и спортската јавност, а со цел да се испочитува во целост законската процедура, Македонскиот олимписки комитет (МОК) ја пренесува официјалната информација доставена од страна на Националната анти-допинг организација (НАДО МКД) во врска со промената во олимпискиот состав за претстојните Зимски олимписки игри.

„Врз основа на официјалниот извештај (Test Report) пристигнат од акредитираната лабораторија во Seibersdorf, Австрија, во еден од двата примероци утврдено е присуство на забранети средства кај спортистот во алпско скијање.  Како резултат на строго и прецизно пропишаната процедура на WADA, до конечна потврда на  наодот, процедурите предвидуваат времена суспензија на спортистот и се активира механизмот на замена од претходно утврдената листа на потенцијални кандидати („long list“). Согласно овој официјален систем на рангирање, следен спортист со исполнета олимписка квота е Виктор Петков, кој по процедурален пат станува дел од официјалната делегација“, информираат од МОК.

Мирко Лазарески е натпреварувачот кој што добил позитивен тест и нема да може да настапи на претстојните Зимски олимписки игри во Милано. Македонија на Зимските Олимписки Игри ќе ја претставуваат уште Ставре Јада, Ана Цветановска и Јана Атанасовска.

Се вчитува...