Милан Лазаревски беше меѓу најзаслужните за големата победа на Вардар на жешкиот терен во Битола, со која „црвено-црните“ уште повеќе ја зголемија разликата во однос на „пелистерци“ на врвот на табелата.
Големиот борец вообичаено беше клучен во одбраната на својот тим, но на ова дерби блесна и во нападот, постигнувајќи седум гола од исто толку обиди. По мечот, Лазаревски не го криеше задоволството од триумфот, ја пофали атмосферата во битолскиот спортски храм, но и порача дека трката за титулата не е завршена и никако не смее да дојде до опуштање во таборот на Вардар.
„Би сакал да потенцирам дека никогаш не е лесно да се победи на гостински терен во Битола. Екстремно тежок терен, но успеавме да ја оствариме мисијата. Ништо не е готово, победивме тука и лани, па не ја освоивме титулата. Имаме многу тешки ривали во плеј-офот, тука се и Охрид и Алкалоид. Успеавме да ги победиме и нив во регуларниот дел, но нивниот квалитет е очигледен и затоа сметам дека борбата ќе биде тешка до самиот крај. Треба да останеме фокусирани и да го имаме истиот пристап на сите мечеви.
Вечерва бевме веројатно поконсолидирани од актуелниот првак, иако Пелистер играше без својот прв среден бек Тајник, нешто што се почувствува и во разновидноста на нивната игра. Одигравме дисциплинирано, цел тим беше на потребното ниво. Понекогаш сме и ние послаби во дисциплината, но денес беше нешто посебно.
Едноставно, за вакви натпревари се игра ракомет. Прекрасна атмосфера во Битола, вистински празник на ракометот. Обожавам да играм тука, во ваква атмосфера. Во предност сме, ама не смееме да се опуштиме. Само со ваков пристап можеме да ги оствариме нашите цели“, истакна Милан Лазаревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

