Лазаров: Бахреин е поквалитетен состав од Јапонија

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, предупреди дека утрешниот дуел со Бахреин ќе биде потежок за „црвено-жолтите“ од мечот со Јапонија бидејќи противникот е поквалитетен во однос на „самураите“.

„Имаме информација дека Бахреин одиграл квалитетно на дуелот со Шпанија. Јас веќе реков, станува збор за незгодна селекција, која ја имам гледано и на финалето од Купот на Азија, каде одлично му парираше на Катар. Се работи за поквалитетна екипа од Јапонија. Тоа значи дека треба да бидеме многу повнимателни, не смееме да дозволиме да не успие победата од девет гола разлика над Јапонија. Очекувам тежок меч и голема борба. Мораме да сме максимално сконцентрирани и да одиграме најдобро за да можеме да се надеваме на победа“ – изјави Лазаров пред денешниот тренинг во Минхен.

По комплетирањето на првото коло, Лазаров само се увери во она што веќе беше познато – дека трите европски селекции кои ни се ривали во групата се исклучително квалитетни.

„Проследивме квалитетен меч меѓу Исланд и Хрватска. Знаевме дека Хрватите секогаш имаат екстра квалитетна репрезентација и секогаш се со големи амбиции. Исланд, искрено ме изненади со добра игра и покрај фактот дека имаат промена на неколку играчи. Многу го ценам нивниот селектор кој направи успех со Данска, беше олимписки првак. Направи успех и со РНЛ, од таа плејада на исландски тренери заедно со Сигурдсон и Гисласон е во Топ 3 стратези од оваа ракометна држава“ – вели Кире Лазаров.

Се вчитува...