Лазаров: Да се бориме вака и на СП, за луѓето што ќе издвојат и време и пари за да навиваат за нас

Македонија загуби со два гола разлика на синоќешната контрола во Вараждин против силната Хрватска, а селекторот Кире Лазаров виде многу позитивни работи во нашата игра на една седмица пред официјалниот почеток на СП 2025.

Македонскиот кормилар го истакна тимскиот дух и борбеноста како исклучително важна работа, нешто што ќе треба да ја краси нашата репрезентација и на мундијалските средби во Вараждин.

„Мене како селектор ми беше најважно што се боревме од почеток до крај, тоа ни беше главна цел на дуел со една силна репрезентација како што е Хрватска. Им честитав на момците за борбата, што не се предадовме буквално до последната секунда. Затоа дојдовме овде неколку дена порано, со вакви натпревари да вежбаме не само тактика, туку и карактер, таа борба од почеток до крај. Очекуваме голем број на наши навивачи на мундијалот и не смееме да ги разочараме. Може да се случи да загубиме од подобар противник, но не смееме да се предадеме во ниту еден момент со ниту еден противник. Тие ќе издвојат време и пари за да дојдат, ние треба да им возвратиме на вистински начин, со борба и желба за позитивен резултат во текот на сите натпревари. Игравме против селекција што е исклучително квалитетна, со силни индивидуалци, репрезентација што настапи и на последните Олимписки Игри во Париз. Ова е нова генерација на македонската ракометна репрезентација, да се игра квалитетно на гостински терен против еден вака силен ривал сигурно е добра работа“, вели Лазаров.

Хрваските новинари беа импресионирани од македонските голмани, Митревски бранеше фантастично во првото полувреме, во вториот дел блесок имаше и Кизиќ, излудувајќи ги домашните ракометари.

„Голманите имаа свој ден, бранеа навистина одлично. Дај Боже така да биде и на првенството“, со насмевка коментираше македонскиот селектор, додавајќи: Мислам дека се ќе биде добро.

Се вчитува...