Лазаров е апсолутниот рекордер меѓу најдобрите стрелци на ракометните мундијали

На денот на официјалниот почеток на Светското Првенство во Франција, името на Кире Лазаров стои со златни букви испишано во историјата на ракометните мундијали. Токму Македонецот со своето неповторливо издание на мундијалот пред осум години во Хрватска, неверојатни 92 погодоци на СП 2009, е апсолутен рекордер како најдобар стрелец на еден светски шампионат.

Само за потсетување, Лазаров постигна 19 гола во бараж двомечот со Исланд, што беше само најава за неговиот фантастичен настап во Вараждин и Задар. Во групната фаза тој постигна девет погодоци при минималниот пораз од Тунис, потоа исто така постигна девет гола против Алжир, за тотална „експлозија“ со 13 погодоци против Полска. Следеа девет гола со Германија и дури 13 со Русија, за заокружување на првата фаза.

Македонскиот десен бек потоа постигна нови девет гола со Норвешка, па осум против Данска и седум со Србија, за најефикасниот натпревар да го одигра во дуелот за 11. место, кога 15 пати го совлада голманот на Јужна Кореја при победата од 32-21.

Со тоа, Кире Лазаров со 92 гола го урна рекордот на Јон Кјунг-Шин од Јужна Кореја, кој имаше постигнато 86 погодоци на СП 1995 во Исланд.  Пред Лазаров на СП 2007 најдобар стрелец беше Исланѓанецот Сигурдсон со 66 погодоци, а по мундијалот во Хрватска на тронот Лазаров го наследи Хансен со 68 гола, две години подоцна во Шпанија најдобар стрелец беше Егерт со „само“ 55 гола, а стрелец број еден на последното СП во Катар беше Словенецот Гајиќ, кој повеќе не е дел од својот национален тим.

НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ НА ДОСЕГАШНИТЕ СП

Катар, 2015                  Драган Гајиќ (Словенија)          71 гол

Шпанија, 2013           Андерс Егерт (Данска)                  55 гола

Шведска, 2011            Микел Хансен (Данска)               68 гола

Хрватска, 2009           Кире Лазаров (Македонија)      92 гола

Германија, 2007        Гудјон Сигудсон (Исланд)          66 гола

Тунис, 2005                  Висен Хмам (Тунис)                       81 гол

Португалија, 2003    Карлос Перез (Унгарија)             64 гола

Франција, 2001           Едуард Кокшаров (Русија)          61 гола

Египет, 1999                 Роландо Уриос (Куба)                   57 гола

Јапонија, 1997            Јон Кјунг-Шин (Ј. Кореја)          62 гола

Исланд, 1995               Јон Кјунг-Шин (Ј. Кореја)          86 гола

Шведска, 1993            Марк Баумгартнер, Јон Кјунг-Шин    41 гол

Чехословачка, 1990   Александр Тучкин, Хулијан Дуранона    55 гола

Се вчитува...