Лазаров фантастичен, Барса до голем бод во Кил

Кире Лазаров одигра фантастичен натпревар за Барселона на гостувањето против Кил, помагајќи му на својот тим да остане непоразен на ова многу значајна средба. Дуелот во домот на „зебрите“ заврши со израмнети 27-27, што за Барселона значи огромен бод бидејќи овозможува каталонскиот гигант да остане пред ПСЖ на првото место во групата, кое значи и директен пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Дуелот беше израмнет во текот на сите 60 минути, двата тима се менуваа во водство, па ремито на крајот е и најреален исход. Барселона беше и на чекор до победа кога Нгесан на десетина секунди до крајот погоди за предност од 26-27, но домашен пораз на Кил спречи Билик со својот четврти гол на средбата.

Лазаров беше феноманален постигнувајќи осум гола, „зачинети“ со неколку одлични асистенции. Ривера постигна пет, а Жалуз четири погодоци (сите во првото полувреме) за каталонскиот гигант, кој ја осигурување на првото место во групата ќе треба само уште во последното коло да слави на домашен терен над Висла.

Борко Ристовски влезе во игра во  второто полувреме, при водство на Барселона од 19-20, мина на теренот петнаесетина минути и забележа три интервенции (еден одбранет пенал на Екберг) пред во самиот финиш повторно да му го отстапи своето место на Гонзало Перез де Варгас.

Пари сен Жермен рутински ја одработи својата задача на гостувањето против Висла Плоцк, триумфирајќи со 25-29. Полскиот вицепрвак парираше само во првите дваесетина минути, потоа „светците“ ја презедоа контролата, на полувреме заминаа со предност од 11-14, за на крајот да слават со четири гола разлика. Генсхајмер беше најефикасен кај ПСЖ со седум гола, пред Абало и Карабатиќ со по пет, додека прв стрелец на Висла при денешниот пораз беше Ивиќ со шест погодоци.

Се вчитува...