Лазаров ги избра патниците за Луксембург: Томовски остана во Скопје, шанса ќе добие Кизиќ

Македонската ракометна репрезентација денеска патува за Луксембург, каде утре избраниците на селекторот Лазаров ќе гостуваат на соодветната селекција, по победа со која и дефинитивно ќе го запечатат пласманот на ЕП 2024. Двата пораза од Португалија се веќе оставени зад нашиот национален тим, а камбекот на Талески, Георгиевски и на Пешевски е дополнителен „плус“ за „црвено-жолтите“ за враќање на победнички патеки.

Лазаров ги избра патниците за Луксембург, а за одбележување е одлуката на селекторот шанса да му даде на Марко Кизиќ од Еурофарм Пелистер, додека Мартин Томовски остана во Скопје. На последните големи натпреварувања Македонија настапуваше со голманскиот тандем Митревски – Томовски, но селекторот сака на утрешниот меч да му даде шанса на Кизиќ, да покаже дел од своите квалитети.

Покрај Томовски, во Скопје ќе остане и Едвин Омерагиќ, специјалистот за одбрана на Алкалоид кој беше дополнително повикан за овие подготовки по повредите на Петров и на Стојковиќ.

Се вчитува...