Македонската ракометна репрезентација славеше со 25-21 на првиот од двата контролни дуели против селекцијата на Чиле, меч што селекторот Данило Брестовац го искористи за да им даде шанса на ракометарите кои не се стандардни во националниот тим. Капитенот Кире Лазаров целиот меч го проследи од клупата, Талески и Кузмановски одиграа по дваесетина минути, Митревски бранеше едно полувреме, но Македонија и со видно изменет состав успеа да стигне до триумф. Пресудна беше добрата игра во одбраната, со која не дозволивме противникот да влезе во ритам и на крајот заслужено се радувавме на победата.
Брестовац го почна мечот со Митревски на голот, а во првата постава се најдоа и Маџовски, Талески, Кузмановски, Велковски, Поповски и Мишевски, кој во нападот му го препушташе местото на пивотот Пешевски. Првите десетина минути донесоа израмнета игра, Македонија доаѓаше со „плус еден“ (по два гола на Маџовски и на Пешевски), но Чилеанците експресно одговараа со погодоци на спротивната страна. Првото водство од два гола нашите ракометари го имаа во 11 минута, кога за 6-4 погои Танкоски. Одбраната на чело со Митревски функционираше беспрекорно, па чилеанскиот селектор во 15. минута побара тајмаут при негатива на неговата селекција од 7-4.
Пешевски продолжи да ја полни мрежата на гостите, па со совјот петти гол во 18. минута зголеми на 9-5. Во нападот со голови се приклучи и Костески, Митревски продолжи со серија одбрани (седум во првите 25 минути), па Македонија имаше водство од 12-8 на пет минути до крајот на полувремето. Серијата послаби организации на нападите придонесоа противникот да ја преполови негативата, па во 26. минута резултатот гласеше 12-10 за Македонија. Нашите репрезентативци заиграа подобро пред крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 15-11 со голот што пред звукот на сирената го постигна крилото Цветан Кузмановски.
Второто полувреме го почнавме со Томовски на голот, а првиот проблем се појави во 35. минута, кога поради повреда мораше да биде заменет Пешевски, до тој момент најдобар стрелец со пет постигнати погодоци. Серијата од шест минути без постигнат погодок ја прекина Мартин Велковски со погодок за 17-13. Проблемите со нападот продолжија, Македонија во првите 15 минути од вториот дел постигна само три гола, а гостите се приближија на 18-16. Бековите Георгиевски и Мишевски ја вратија предоста на „плус четири“, а во ритам влезе и Томовски, кој одбрани пенал при 20-16.
Финишот беше одработен рутински, триумфот во ниту еден момент не беше доведен во прашање, за конечни 25-21. Пешевски и Серафимов беа најдобри стрелци со по пет погодоци, а трипати прецизен беше Маџовски. По два гола во овој триумф постигнаа Цветан Кузмановски, Костески, Танкоски и Георгиевски.
Македонија и Чиле в недела ќе одиграат уште еден пријателски натпревар. Ова ќе биде последна проверка за Чилеанците пред премиерниот меч на СП, на 13 јануари против Египет, додека Македонија како прва резерва се уште чека евентуално откажување во „пет до дванаесет“ на некој од учесниците на ракометниот мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА