Македонската ракоемтна репрезентација денеска го имаше првиот собир пред натпреварите против Јапонија во рамките на ЕХФ неделата.
Селекторот Кирил Лазаров ја направи прозивката денеска во 13:30 часот, пред првиот меч кој се игра во четврток (30. октомври) во салата Автокоманда. Овој натпревар ќе биде од затворен карактер, односно ќе се одигра без публика на барање на двете селекции.
Лазаров се осврна на одбивањето на повикот на Дејан Манасков.
„Дејан Манасков е во одлична форма во последно време, затоа и испратив повик. Но, тој го одби повикот и тоа е тоа. Немам друго што да кажам. Моја обврска е да ги повикам тие што се во форма. Мислев дека со него ќе бидеме поквалитетни. Тој е ракометар од врна класа, европска и светска класа. Но, одиме напред“, изјави Лазаров.
Вториот меч е во сабота на 1. ноември во Куманово во 16:30 часот, и на него ќе биде дозволена публика.

Кирил Лазаров направи една измена во однос на најавениот состав. На местото на Дејан Манасков, кој го одби повикот, беше вметнат Петар Атанасијевиќ во тимот, и тој ќе биде во комбинација за настап на престојните два меча.
Овие два натпревари доаѓаат како подготовка за Европското првенство, каде што Македонија е во група со Данска, Португалија и Романија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

