Лазаров го скрати список: Со 23 ракометари на подготовки во Маврово

Селекторот Кире Лазаров го објави списокот од 23 ракометари кои ќе треба да се појават на стартот на подготовките за СП 2023, што ќе се одржи од 11 до 29 јануари во Полска и во Шведска.

На списокот нема поголеми изненадувања, а по смената на генерации лидери на Македонија на ова големо натпреварување ќе бидат Талески, Кузмановски и Манасков, кој ќе се врати во националниот тим откако не настапи на ЕП во Дебрецин во јануари годинава.

Машката сениорска репрезентација е дел од групата Ф заедно со репрезентациите Норвешка, Аргентина и Холандија, а натпреварите од групата се играат во Краков, Полска во „Таурон Арена“.

Сениорите настапот на IHF MEN’S WORLD CHAMPIONSHIP 2023 го започнуваат на 13.01.2023 против репрезентацијата на Норвешка во 20:30 часот. Потоа следи дуелот против репрезентацијата на Холандија на 15.01 во 18:00 часот, а последниот натпревар од групната фаза е на 17.01 против Аргентина во 18:00 часот.

Собирот на репрезентацијата е закажан на ден 20.12.2022 (вторник) во 11:30 h, Хотел Александар Палас во Скопје, по што ќе следи заминување за Маврово.

Како дел од подготовките Македонија пред крајот на годинава ќе одигра две контролни средби во Хрватска, против „коцкестите“ и против селекцијата на Израел.

Се вчитува...