Лазаров го скрати списокот – еден играч отпадна од комбинација за СП 2025

Ракометната репрезентација на Македонија ги продолжува подготовките за јануарскиот мундијал што нашиот национален тим ќе го игра во Вараждин, а селекторот Кире Лазаров се реши да го скрати списокот на почетокот од новата година.

Во однос на оние кои настапија на подготвителните средби во Стара Пазова, од комбинација за настап на СП отпадна Михајло Младеновиќ. Бекот на Алкалоид кој важи за специјалист во одбраната нема да продолжи со тренинзи во наредниот период, а се очекува сите останати ракометари да отпатуваат за Хрватска, на завршната фаза од подготовките и потоа настапот во групната фаза во Вараждин.

За потсетување, Македонија е дел од групата Д што ќе се игра во Вараждин, нашите ракометари го отвораат мундијалот со дуел со Унгарија на 15 јануари, два дена подоцна се среќаваат со Холандија, а за 19 јануари е закажан мечот со Гвинеја. Првите три селекции од оваа група ќе се пласираат во главната фаза што повторно ќе се игра во Вараждин, заедно со трите најдобри репрезентации од групата Ц каде се наоѓаат Франција, Катар, Австрија и Кувајт.

Се вчитува...