Лазаров го скрати списокот: Камбек на Мартин Томовски во репрезентацијата

Селекторот Кире Лазаров денеска го објави скратениот список на ракометари кои ќе треба да се појават на стартот на подготовките за завршните две средби од квалификациите за ЕП 2026, на собирот закажан за 4 мај.

Мартин Томовски по серијата одлични настапи во Бундес-лигата ќе го има својот репрезентативен камбек и ќе биде дел од голманското трио заедно со Митревски и со Галевски. Новина е и враќањето на искусниот Ојлески на позицијата лево крило, по тешката повреда на Цветан Кузманоски, а своето деби во националниот тим во мајските квалификациски дуели би можел да го има Мартин Ивановски, кој доби шанса на позиција среден бек во ситуација кога се повредени и Марко Митев и Игор Ѓоргиев.

Македонија на 8 мај гостува на селекцијата на Естонија, а на 11 мај ќе ја пречека Литванија. Многу значајно за нас ќе биде Литванците да загубат на домашен терен против Словенија на 8 мај, особено ако се знае дека Словенците со младински состав ќе настапат на овој меч. Ако Литванија не загуби, тогаш Македонија дефинитивно ќе се бори само за третото место во групата, по што за пласман на ЕП ќе мора да се споредува со останатите третопласирани селекции од сите групи.

Се вчитува...