Македонскиот капитен Кире Лазаров го игра последното големо натпреварување во репрезентативниот дрес. Резултатски минуваме многу слабо, како што впрочем беше и на првиот мундијалски настап на Лазаров, пред две децении исто така во Египет, леворакиот „бомбардер“ не го крие разочарувањето, но и порачува дека дното е допрено, и сега треба да се тргне со чекори напред.
„Знам дека цела Македонија тагува поради нашите убедливи порази, но верувајте дека ниту мене не ми е лесно. Имаме промена на генерации, но мораме да се бориме до крај. Севкупно гледано, ова СП можеби и ќе ни е добредојдено, бидејќи на некој начин го допревме дното, па сега треба да се обидеме со добра стратегија да напредуваме“, изјави Кире Лазаров во разговор за хрватската телевизија.
Тој е убеден дека самото учество на овој ракометен мундијал е позитивна работа.
„Горд сум што 22 години го носам македонскиот дрес и сум дел со селекцијата на големите настани. Знаевме дека не сме во добра ситуација, бидејќи имаме промена на генерации, но среќен сум што го добивме овој повик за да играме на СП. Во договор со федерацијата решивме да дојдам и јас тука и да им помогнам на младите ракометари“, вели најдобриот македонски ракометар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА