Лазаров и Миркуловски на тренинг – ракометарите комплетни пред тргнувањето за Финска

Ракометната репрезентација на Македонија комплетна ќе го одработи денешниот утрински тренинг пред патувањето за Финска, каде „црвено-жолтите“ утре ќе го одиграат претпоследниот натпревар од квалификациите за ЕП 2022.

Кире Лазаров и Филип Миркуловски беа дел од вчерашниот тренинг како селектор и член на стручниот штаб, но двајцата најискусни ракометари денеска ќе го одработат и тактичкиот дел со помладите репрезентативни колеги.

„Јас и Миркуловски во неделата имавме натпревари за своите тимови. Знаеме да се чуваме, сме се нашле во вакви ситуации многу пати досега, затоа го пропуштаме тренингот во понеделник, но веќе од вторник ќе работиме со тимот. Веќе имам кажано, тука сме за да им помогнеме на помладите, за потоа тие да ја преземат одговорноста во националниот тим“, изјави Лазаров.

Македонската ракометна репрезентација попладнево со чартер-лет ќе отпатува за Финска, каде утре ќе се сретне со оваа скандинавска селекција. „Црвено-жолтите“ го имаат осигурано учеството на ЕП 2022, но со триумф над Финска би била осигурана и најмалку втората позиција во групата.

Се вчитува...