Лазаров: Јапонија е „нагазна мина“, мора да бидеме внимателни

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

 

Капитенот Кире Лазаров предупредува дека Јапонија е незгоден противник што лесно може да изненади доколку не се даде максимумот на стартот од овој шампионат. Јасно е дека Македонија ќе ја има фаворитската улога на овој натпревар, но најискусниот во нашите редови гласно им порачува на соиграчите дека ривалот може да биде многу непријатен доколку не се влезе стопроцентно во натпреварот.

„Јас сум многу внимателен на почетокот на овој Мундијал, за мене најважно ќе биде да стартуваме како што треба и клучен ќе биде дуелот со Јапонија. Стекнавме самодоверба по оние две победи над Србија, кои се значајни на психолошки план иако се само пријателски средби, и ќе мораме да продолжиме во ист стил и против Јапонија. За мене нашиот прв ривал во групата е нагазна мина, тоа е селекција со сериозен селектор што вложува многу и се подготвува за ОИ во Токио, што има добри релации со ИХФ. Полош противник од последниот шешир не можеше да ни падне на почетокот од едно Светско првенство, немавме ни среќа барем во тој шести шешир да извлечеме некој од полесните ривали за да впишеме да речеме сигурна победа“ – вели Кире Лазаров во пресрет на премиерниот дуел од СП 2019.

Се е подготвено за мундијалскиот почеток. Дека не смее да има опуштање, тоа е јасно, а Лазаров и соиграчите се доволно искусни и доволно квалитетни за стартот на СП 2019 да биде триумфален.

Се вчитува...