Лазаров ќе го одмаздува Вардар, Монпелје му стои на патот до врвот на Европа

ЕКИПА во Келн,

Симон Котларов

Сосема неочекувано, битката за трофејот во Лигата на шампионите денеска од 18 часот ќе ја водат екипите на Монпелје и на Нант (18 часот, „Ланксес арена“), кои во вчерашните полуфинални пресметки ги совладаа фаворитите Вардар и ПСЖ. Македонија сепак ќе има свој претставник во големото финале, неповторливиот Кире Лазаров кој има можност веќе во првата сезона со Нант да стигне до европската титула, што би била втора за капитенот на нашиот национален тим во неговата блескава кариера.

Лазаров беше најдобар стрелец во полуфиналето против ПСЖ со осум погодоци, а како еден од најискусните во таборот на Нант од него ќе се очекува да је преземе одговорноста и во големото финале. Во таборот на Нант се надеваат дека ќе тргнат по примерот на Вардар, кој лани во своето прво учество во битката за трофејот успеа да се искачи на врвот на Европа.

„Секако пресреќен сум што една таква сезона се крунисува на овој начин. Сигурно сега треба да уживаме малку по една ваква победа, но приказната не завршува тука… Пред нас е финалето и мора да одиграме на исто ниво“ – изјави Лазаров веднаш по големата победа над ПСЖ во полуфиналето на Ф4 во Келн.

На спротивната страна, Монпелје со извонредна игра успеа да го симне Вардар од тронот на Европа, демонстрирајќи извонредна одбрана во текот на 60-те минути против „црвено-црните“. Тренерот Канаје во 2003 година успеа да стане европски првак со Монпелје, успех што ќе се обиде да го повтори и во воето прво учество на Ф4 турнирот во Келн.

„Во финалето сме, но уште не сме освоиле ништо. Знаеме дека триумфот над Вардар нема да ни значи ништо ако не ја повториме играта и против Нант, за да стигнеме до пехарот“ – предупреди ветеранот Гигу, кој беше извонреден на мечот со „црвено-црните“.

Овие два тима се сретнаа три пати сезонава, Нант го доби дуелот во „пресметката на шампионите“ на стартот од сезонава со 31-28, но потоа Монпелје славеше во двете лигашки пресметки, со 27-30 во Нант и со 33-28 на домашен терен.

Се вчитува...