ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Кире Лазаров е премногу искусен за да дозволи една добра партија како онаа со Унгарија да предизвика еуфорија во македонскиот национален тим. Напротив, селекторот е свесен дека во ниту еден момент не смее да дојде до опуштање бидејќи натпревари на ракометен мундијал се добиваат само со максимална ангажираност во текот на сите 60 минути.
Тој има само пофални зборови за денешниот противник, уште еднаш повторувајќи дека Холандија е репрезентација од највисока класа, со стил на игра што не ни одговара премногу.
„Ќе играме со топ-репрезентација, која игра сосема поразличен ракомет од Унгарија, што ако треба да споредуваме реално помалку ни одговара како стил на игра. Тоа не значи ништо бидејќи ние мораме да го одработиме нашиот дел од задачата, да играме онака како што ќе замислиме. Ме радува што имаме добра атмосфера, што момците работат напорно и што тоа го покажаа на првиот натпревар. Ќе ни треба слично издание и против Холандија, да бидеме на највисоко ниво, да се бориме и да не гледаме кон резултатот. Ќе ни треба помош од „фалангата“ уште од првата минута, верувам дека нашите навивачи ќе го препознаат тоа и ќе ни дадат поддршка за овој меч да го одиграме онака како што сите заедно посакуваме. Се среќаваме со противник кој има бековска линија од ПСЖ и од Фленсбург, кој инсистира на брза игра, повторувам, тоа е топ-репрезентација, коефициентите ја прават голем фаворит, но тоа е во ред, ние сме фокусирани на сопственото издание и верувам дека ако бидеме на посакуваното ниво ќе можеме да се надеваме на позитивен резултат. Заморот од дуелот со Унгарија нема да има никакво влијание, кога ќе почне едно Светско првенство зборот замор не постои, проработува адреналинот“, истакнува македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

