Лазаров: Македонија е бренд што треба да го зачуваме… може да дојде и Жељко Обрадовиќ, но џабе ќе е …

ЕКИПА во Солун,

Стеван Цаневски

Кире Лазаров генерално гледано е задоволен од прикажаната игра на вечерашното реми во Солун против Грција, во кое Македонија избегна пораз со голот што во самиот финиш го постигна Ненад Костески.

Македонскиот селектор уште еднаш потенцираше дека против себе немавме наивен противник и верува дека „црвено-жолтите“ можат уште повеќе да напредуваат преку уште посилни контролни средби.

„Во принцип сум задоволен од она што го сработевме на тренинзите во последните денови и од прикажаното на овој натпревар. Јас очекував тежок натпревар бидејќи во Грција во последните години загуби Холандија, тука се мачеше и Хрватска, со нивни судии. Ме радува што не загубивме, што покажавме карактер. Водевме и пет, губевме два, но покажавме дека имаме глава и психолошка сила да се вратиме. Ни фали натпреварувачки ритам, како млада репрезентација ни недостигаат повеќе средби и тоа со силни противници, за да ја видиме вистинската слика. Грција во ниту еден случај не е наивен противник, тие имаат човек од Француската Ракометна Федерација кој е тука како советник, работи со нивните тренери и со младинските категории, напредокот од таквата фокусирана работа е евидентен во грчкиот ракомет. Сите напредуваат, сите играат ракомет, јас начелно сум задоволен, секако дека жалам што не победивме, да бевме само малку поподготвени во секој поглед можевме и да славиме“, изјави Лазаров за македонските новинари во Солун.

Селекторот повика и на единство и побара поддршка од јавноста за оваа млада генерација да излезе на посакуваните патеки, не само да се пласира на големите натпреварувања, туку и да почне да бележи победи…

„Ме радува атмосферата во репрезентацијата, мислам дека треба сите да придонесеме да имаме добра атмосфера, тоа е најважно. Грешки правиме сите, и јас и играчите и јавноста, но Македонија е една, тоа што го имаме како бренд треба да го зачуваме. Ако го разбереме на таков начин ќе одиме напред, во спротивно може да дојде и Жељко Обрадовиќ и џабе ќе ни биде се и ќе го испратиме како што го испративме Тута Живковиќ, најдобриот во свет во 2006 година. Јас сум селектор и ја кажувам насоката, ја имаме стратегијата, но играчите се тие… сите напорно работиме за да го извлечеме максимумот и да одиме напред. Како што реков, задоволен сум од залагањето, од пристапот и од покажаниот карактер“, порачува Кире Лазаров.

Се вчитува...