ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневскки
Селекторот Кире Лазаров е оптимист дека нашите ракометари ќе успеат да слават на третиот меч од ЕП 2026 против Романија, за бодови со кои ќе го освоиме најмалку третото место во групата.
„Црвено-жолтите“ одиграа одлично на ремито со Португалија, но фокусот сега е целосно врз Романците.
„Се подготвувавме многу за Португалија, да, треба да сме свесни дека направивме добар резултат против поквалитетна репрезентација, за жал не успеавме да стигнеме до посакуваната победа, но треба да сме свесни и реални дека се надминавме себе, тоа е за секоја пофалба за играчите кои настапија. Не треба тука да застанеме, треба веднаш да се „прешалтаме“ на она што утре следи, да не се задоволиме и да не го расипеме целокупниот впечаток што го оставивме“, вели Лазаров.
Тој истакна дека Романците ќе бидат максимално мотивирани, па ние ќе мораме да бидеме супер-фокусирани.
„Романија најави дека нивни таргет е Македонија, тие утре ќе влезат силно и цврсто, на се или ништо. Познавајќи го нивниот селектор, федерацијата и начинот на кој функционираат, па мораме што поскоро да се „отрезниме“ од вчерашниот меч и да се насочиме целосно кон Романците. Прва цел ни е победа, а после тоа а се обидеме и да постигнеме уште некој гол повеќе во гол-разликата. Треба да имаме правилен пристап, бидејќи ретко кога Македонија знаела по добар меч да повтори уште едно добро издание за помалку под 48 часа. Не сум загрижен, овие момци прераснуваат во сериозни ракометари на големата сцена и верувам дека повторно ќе одговориме на предизвико“, додаде Лазаров.
Лазаров верува дека Македонија како колектив е поквалитетна од Романија, но тоа мора и да се докаже на теренот.
„Романија сигурно е послаба од Данска, послаба и од Португалија, но имаат амбициозна федерација, амбициозен селектор, со многу ресурси да се движат кон врвот. Не знам колку ќе успеат, имаат сериозни буџети, тие очекуваат многу. Како колектив сигурно сме поквалитетни од нив, системски сигурно, но важно ќе биде да се игра како што знаеме“, вели македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

