Македонските ракометари полни со самодоверба го дочекуваат новото Светско првенство, на кое главна цел ќе биде пласман во втората рунда.
Селекторот Кире Лазаров потенцираше дека Македонија е единствена селекција од регионот со континуитет од настапи на големите натпреварувања, низа што трае уште од ЕП 2012 во Србија.
„Мило ми е што успеавме заеднички да ја израдуваме македонската јавност и да се пласираме на ова за нас значајно Светско првенство. Од 2012 година па се до оваа 2025 имаме еден страшен континуитет што многу значи за една мала држава. Имаме 14 големи натпреварувања во низа, со што не можат да се пофалат нашите соседи од балканот, тоа е голем резултат и се надевам дека ракометот така ќе продолжи и во иднина“, изјави Лазаров.
Селекторот очекува нови позитивни ракометни спомени од Хрватска, откако Македонија имаше успешни настапи на последните две големи натпреварувања во оваа држава.
„Имаме позитивни искуства од Хрватска и од 2009 и од 2018 година, се надевам дека така ќе биде и сега, знаеме дека ќе имаме поддршка од нашите навивачи, тие треба да бидат нашиот осми играч, бидејќи ја познаваат ракометната игра и во клучните моменти да ни ја дадат таа дополнителна поддршка. Можам да кажам дека сум умерен оптимист, знаејќи го нашиот менталитет и нашиот квалитет, ја сменивме генерацијата, имаме млади и одлични играчи кои допрва ќе го покажат својот квалитет, ракометари кои имаат и карактер. Македонскиот ракомет е на добар пат и допрва ќе следат уште поголеми успеси. Секого ќе почитуваме, но нема да се плашиме од ниту еден ривал. Во моментов сме фокусирани на Унгарија како прв ривал, тоа е сериозна репрезентација која многу инвестира во ракометот. Јас секогаш сум имал амбиција, тргнуваме во секој натпревар за да победиме“, изјави селекторот Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА