Селекторот Кире Лазаров денеска ја имаше првата прозивка на репрезентативците во пресрет на стартот од квалификациите за ЕП 2024. Последни на располагање ќе му се стават интернационалците Митревски и Петров, па националниот тим утре ќе биде комплетен на тренинг под водство на Лазаров.
Ова ќе биде вртење на нов лист во историјата на македонската ракометна репрезентација, ако се знае дека своите репрезентативни кариери ги завршија Лазаров, Миркуловски и Стоилов, а процесот на подмладување што почна пред неколку години сега уште повеќе ќе се интензивира.
„Ситуацијата во репрезентацијата допрва ќе ја видиме каква е. Треба да се каже, да се нагласи дека ова е нова репрезентација на Македонија. Сосема различна од претходната. Еве тука сме без Миркуловски, Стоилов, Лазаров. Доста подмладена со неколку поискусни играчи кои што биле дел од оваа репрезентација, но тоа се играчи кои немале некоја позначителна улога. Секогаш биле тие што помагале, кои биле додадена вредност, но немале главна улога. Го селектирав овој список да можеме да градиме еден нов систем кој веќе го градиме, да го доградиме. Имаме добра репрезнтација, играчи кои преферирам да играат во два правци. Ќе пробаме да играме еден нов, модерен ракомет. Нема да биде исто. Ќе пробаме да го смениме и системот и начинот на игра“, истакна Лазаров.
Македонија в среда на стартот од квалификациите ќе го пречека составот на Луксембург, селекција што важи за аутсајдер во групата, но за која Лазаров предупредува дека никако не смее да се потцени. Потоа, на 15 октомври ќе следи и гостувањето во Ван против селекцијата на Турција.
„Во денешно време ниту еден противник не смее да се потцени, така и Луксембург и Турција. Имаме доста материјали за нив. За Луксембург можам да кажам дека ние сме фаворити на хартија, но тоа треба да се оправда. Турција е многу незгодна репрезентација. На последните МИ игри таму поминавме добро со доста изменет состав. Имаат амбиција за напредок, постојано се собираат. Воопшто нема да биде лесно. Ќе играме во Ван, каде што очекуваме полна сала. Ќе се подготвме добро, ќе бидам внимателен. Задоволен сум од тоа што имам. Се надевам дека ќе бидеме здрави“, изјави селекторот Лазаров, кој се надева дека за гостувањето против Турција ќе може да смета на повредениот Дејан Манасков, кој нема да настапи против Луксембург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА