Тренерот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров е еден од ракометарите кои ги чека голем предизвик во претстојниот период. Можеби во некоја друга сезона, месец јуни веќе ќе беше месец за одмор на најдобрите светски ракометари, но сега оние кои се борат за европската титула, се подготвуваат за завршниот турнир во Келн.
Во интервју за „Спортске Новости“ од Загреб, Кирил Лазаров зборуваше за седмото учество на завршниот турнир во Келн, кој стартува овој јуни.
„Мојот план беше да престанам со играње и мислев дека ќе биде тешко. Сите мислевме дека оваа пандемија ќе престане и како одминуваше сезоната имаше многу проблеми. Клубот имаше потреба од мене и искрено играв и повеќе од планираното. Играв и добро, па клубот покажа интерес за продолжување на соработката, посебно и заради тоа што Гурбиндо најави заминување во Вардар. Размислив и прифатив. За мене не е никаков проблеми, а и на клубот му треба искуство. Потоа во Египет се случи тоа што се случи со македонската репрезентација, а тоа кај нас е трагедија. А всушност не е, па добив и понуда да бидам селектор. Во договор со претседателот на Нант, ја прифатив таа понуда, бидејќи таква шанса не се пропушта“, рече Лазаров.
Македонската ракометна легенда верува и во подвиг во „Ланксес Арена“ и покрај силната конкуренција на ПСЖ, Барселона и Алборг.
„Да не е настапот на ‘фајнал-фор’ веројатно би бил уморен од сè, , но вака сум многу мотивиран. Со годините заморот е повеќе психичка, отколку физичка категорија. Клучно е да бидеше психичко мотивиран за да се носиш со сè. Ќе пробаме со Нант да бидеме европски прваци и да се избориме за настап и следната сезона во Лигата на шампионите. Ако победиме, можеби ќе добиеме вајлд-карта“, заврши Кирил Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА