Ракометната репрезентација на Македонија во недела ќе и гостува на Турција во натпревар од 2. коло во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година во Германија.
Атмосферата во репрезентацијата е на одлично ниво по убедливиот триумф над Луксембург во воведната рунда.
Селекторот Кирил Лазаров пред мечот вели дека не смее да не залаже големиот пораз на Турција од Португалија.
„Ни претстои многу потежок натпревар на гостински терен. Турција е многу посериозна репрезентација од Луксембург. Повеќе или помалку се познаваме со нив, а одигравме и еден официјален натпревар и остваривме победа. Сепак, ова е сосема различен состав. Иако Португалија вчера стигна до убедлива победа токму над Турција, тој резултат не смее да не залаже. На Турција и недостасуваа двајца важни ракометари на овој меч. Тешко гостување и жежок терен. Репрезентацијата е во добра состојба, имам неколку дилеми кои во текот на денот ќе треба да одлучам со кој состав ќе отпатуваме. Дејан Манасков ќе треба да го одработи последниот денешен тренинг. Покажува добри знаци и се надевам дека ќе отпатува со нас во Турција. Очекувам квалитетен натпревар бидејќи сме подготвени, но мора да бидеме внимателни“, изјави Лазаров.
Натпреварот меѓу Турција и Македонија кој ќе се игра во Ван ќе се игра во недела со почеток во 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА