Лазаров не тренираше, конечната одлука утре

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Кире Лазаров беше под специјална терапија во текот на денешниот ден, а се уште е неизвесно дали македонскиот капитен ќе може да помогне на утрешниот натпревар против Чешка. По деталните лекарски прегледи извршени денеска во Загреб, Лазаров не се појави на вечерашниот тренинг, но тоа не значи и губење на шансите за негов настап во следните две средби.

„Засега нема нови информации околу здравствениот статус на Кире Лазаров. Се ќе биде познато во текот на утрешниот ден“ – порачуваат од медицинскиот тим на македонската репрезентација.

Лазаров го повреди мускулот на самиот старт од вчерашниот натпревар против Шпанија, денеска беше обелоденето дека повредата е незгодна, но не и од најсериозен карактер, па претставниците на федерацијата заедно со лекарскиот тим вршат бројни консултации во обид да се најде начин Кире Лазаров да може да настапи на дуелот со Чесите.

Не знаеме дали ќе игра или не. Денеска е под терапија, утре ќе видиме каква е ситуацијата и ќе решиме што ќе правиме. Ама треба да се обидеме да играме без него. Треба да заборавиме дека е Кире Лазаров. Играчите се чувствуваат многу добро кога тој е на теренот, но треба да се навикнеме да играме и кога Киро не може да настапи“ – изјави Раул Гонзалес пред денешниот тренинг.

 

Се вчитува...