Ракометната репрезентација на Македонија во неповторлив меч славеше над Фарските острови со 34-26, успевајќи да ја анулира негативата од седум погодоци од првиот меч и да обезбеди пласман на СП 2025. Оние „минус седум“ делуваа превисоки, но Фараните ја научија лекцијата – никогаш да не се потценува Македонија, па нашиот национален тим одигра меч за паметење во кој стигна до толку посакуваните осум гола позитива.
Селекторот Кирил Лазаров по мечот упати благодарност до цела Македонија која ги поддржи иако одиграа лошо во Торшаван.
„Сакам да се заблагодарам на сите кои веруваа дека овие момци може да направат подвиг. Благодарение на публиката која и покрај лошиот резултат дојде пак да не поддржи. Можам да кажам дека го одигравме веројатно најдобриот натпревар, без судиска поддршка во текот на 60 минути против квалитетна репрезентација која сите ја оспоруваа. Многу пати кажував дека ова е квалитетен тим, а сите мислеа дека ми е алиби во случај на неуспех. Можам да бидам слаб и да изгубам, но сетоа тоа да го поднесам стоејќи. Благодарам на сите играчи кои се вратија. Ова е голема работа за македонскиот ракомет, оваа нова генерација без Миркуловски, Стоилов и мене во бараж меч да се пласира на Светско првенство. Горд сум на овие момци“, изјави Лазаров.
Тој додаде дека можеби имаме лош менталитет, но имаме големо срце.
„Ние како Македонци се бориме со нашиот лош менталитет бидејќи мора да биде лошо за ние да се издигнеме. Можеби имаме лош менталитет, но имаме големо срце. Ова ми е среќен ден бидејќи со мојата Македонија, со млади момци од македонската лига успеавме да одиме на Светско првенство“, заврши Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА