Екипата на Алкалоид максимално подготвена ќе го дочека реваншот со Баја Маре во четвртфиналето од ЕХФ Европскиот куп. „Сино-белите“ предводени од Кире Лазаров одиграа одличен прв меч во Романија во кој буквално во последната секунда останаа без победата (31-31), но Алкалоид е решен да ја продолжи серијата одлични изданија во Европа и да се пласира во најдобрите четири екипи од ова натпреварување.
Кире Лазаров верува во својот тим, но истовремено и предупредува дека Баја Маре е квалитетен ривал што може да се добие само со беспрекорно издание во сите 60 минути од неделниот реванш.
„Се наоѓаме во еден период кога ќе се бориме како клуб за влез во полуфинале од едно европско натпреварување. Овој реванш е од големо значење како за Алкалоид, така и севкупно за македонскиот ракомет. Многу претпазливо ќе влеземе во неделниот реванш, сакам да ја искористам можноста затоа што немавте можност во живо да го следите мечот во Романија, сакам да им честитам на моите момци за се што доживеаја и претрпеа пред, за време и по тој прв натпревар со Баја Маре. Јас сум горд што успеавме да одиграме квалитетно и да се избориме за еден позитивен резултат, што не е нималку лесно, особено кога гостувате на ривал во Романија. Претпазлив сум пред овој реванш бидејќи таа снимка што ја добивме како клуб е преполовена, второто полувреме воопшто не е снимано… ќе пробаме да се соземеме, да одиграме квалитетен меч. Првиот дуел беше со груба игра, во која домаќините имаа само две исклучувања, а секој старт им беше исклучително груб. Се надевам дека овојпат судиите ќе ги санкционираат нивните грубости. Не сакам да ја испуштиме шансата, мораме да извадиме максимум, да вложиме додаден напор за да стигнеме до резултатот што сите го посакуваме. Очекувам тврд натпревар, „прљав“ натпревар, информациите ми велат дека дербито со второпласираниот меч од романското првенство е одложен, целосно се фокусираат на нас, нивната федерација им излезе во пресрет за да можат да се борат за што подобро претставување во европските купови. Се надевам дека ќе собереме сили, да стигнеме до позитивен резултат и да се радуваме на европско полуфинале“, изјави Кире Лазаров.
Пивотот Марко Стојковиќ е подготвен за борба со квалитетниот романски противник, свесен дека и неделниот реванш ќе биде максимално израмнет.
„Најпрвин сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите во Кочани, на повредените им посакувам брзо опоравување, во мое име и во името на сите ракометари на Аклкалоид. Го анализираме противникот, максимално се подготвуваме за да извлечеме позитивен резултат за да се пласираме во полуфиналето. Ја повикувам публиката да дојде во голем број и да ни даде поддршка, за на крајот заедно да се славим“, истакна Стојковиќ на денешната прес-конференција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА