Селекторот Кире Лазаров не го крие задоволството што Македонија ќе биде дел од уште едно големо натпреварување, со обезбедениот настап на ЕП 2026 во Хернинг, Данска.
„Продолжува континуитетот на големите натпреварувања на нашиот најуспешен спорт, ќе бидеме дел од уште едно ЕП, но морам да нагласам, со речиси целосно променета репрезентација. Успеавме повторно како ракомет, како спорт број 1 да ја наполниме салата, тоа тешко им успева на останатите спортови, само е доказ дека луѓето сакаат да дојдат и да ни дадат поддршка.
Во изминатите години ја променивме генерацијата и создадовме силна база на играчи кои ќе бидат тука за македонскиот ракомет во годините што следат. Сега веќе немаме само десетина играчи, конкуренцијата за секое место во тимот е огромна и како селектор навистина сум на слатки маки при изборот“, изјави Лазаров во излагањето пред членовите на Управниот Одбор на РФМ.
Тој се осврна и на јануарскиот предизвик за нашата А-селекција, која ја очекуваат тешки дуели со селекциите на Данска, Португалија и на Романија.
„Што се однесува до групата, играме со силната Данска, против која ќе се обидеме достојно да го претставиме македонскиот ракомет. Тука се Португалија, која е полуфиналист од последното СП, како и Романија. Нема да се предадеме, ќе сториме се за да се покажеме во добро светло, да стигнеме до позитивен резултат, но групата е навистина силна. Без оглед на се, без оглед на квалитетот на групата, јас сум оптимист“, истакна Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

