Селекторот на македонската репрезентација и тренер на Алкалоид, Кирил Лазаров секако не може да биде задоволен од убедливиот пораз на својот тим од Вардар во полуфиналето во Купот на Македонија, но е свесен дека ова е добар момент за сите млади ракометари во тимот да извлечат добри лекции и поуки околу начинот на кој треба да ја градат својата кариера, посветено и макотрпно за да се стигне континуирано да се парира на двата најдобри тим во Македонија.
Вардар со убедлив триумф од 31-22 славеше против Алкалоид за пласман во финалето во Купот.
„Вардар заслужено победи, ние натпреварот го загубивме уште во првото полувреме. Согласно статистиката ние имаме повеќе од 20 промашен шутеви од кои 90% зицери, а Томовски беше перфектен на голот. Против една ваква екипа на Вардар тоа сигурно не може да помине. Не можевме со таква игра да дојдеме до нешто повеќе од овој резултат“ – истакна Лазаров по мечот, притоа дополнувајќи:
„Ние имаме еден млад тим со македонски ракометари, и создаваме проект за иднина низ кој треба да созреваме и како индивидуалци и како тим. Тешко е да се работи со млади ракометари, кои после едно изненадување како што го направивме тоа против Вардар во првенството, тешко е да ги вратиш во вистински натпреварувачки ритам и психолошки соодветно да одговорат на еден тим како Вардар. Ова е лекција, секако и за мене, и за нашите млади играчи, дека треба секојдневно и макотрпно да се работи и да се надоградуваат постојано за да може континуирано и соодветно да се парира на големи екипи како Вардар и Еурофарм Пелистер“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА