Нестабилната игра ја намали радоста по победата на македонската ракометна репрезентација против Турција (31-27) на стартот од квалификациите за ЕП 2020. Критики за играта на националниот тим на овој меч упати и капитенот Кире Лазаров.
„Кога ќе гледаме вака најважна е победата и двата бода, во првиот натпревар од овие квалификаци. Меѓутоа, мислам дека ова е еден од нашите најслаби натпревари во последните десет години. Ноншалантна игра, некоординирана, без почит еден кон друг, без почит кон битолската публика која дојде во огромен број. Многу луѓе останаа и надвор од салата. Како капитен сакам да им се извинам, и покрај победата, публиката заслужи поатрактивна и посериозна игра. На нас ни останува многу да работиме. Мислам дека треба да ставиме прст на чело, да се замислиме. Без потценување на турската репрезентација, но со ваква игра ние нема што да бараме на Светско првенство и со некои големи, високи амбиции да одиме таму и да се занесуваме дека ќе направиме нешто историско. Сигурно и нашиот селектор ќе има што да им каже на нашите играчи. Треба и јас да им кажам као капитен и како поискусен и мислам дека треба да се поразговара. Наместо да се искористи оваа прилика со еден ваков противник, пред оваа прекрасна публика, ние едноставно, се доведовме во ситуација со наведнати глави да го напуштиме теренот и тоа и го заслуживме. Нека биде ова еден апел до сите репрезентативци дека ова повеќе не смее да се случи. Не е проблем затоа што победивме само со четири гола, проблем е тоа што игравме многу, многу слабо. Тотално, едно многу лошо издание“ – истакна Кире Лазаров.
Капитенот на македонската репрезентација посочи дека проблем е пристапот на играчите кон натпреварот и дека тоа не смее веќе да се повтори.
„Мислам дека е проблем пристапот во натпреварот затоа што сите замислувавме дека играме против Турција која е едно ниво послаба репрезентација од нас, која никогаш не учествувала на големо натпреварување. Меѓутоа, имаме тука голем број на млади играчи кои треба преку вакви натпревари да се надоградуваат, да добиваат самодоверба, не да чекаат само големи натпревари. Нека биде ова последен пат со вакво издани на оваа репрезентација. Треба да ставиме прст на чело и доколку сакаме да победиме во Грција, ни треба далеку, далеку подобра игра“ – предупреди Лазаров.
Македонските ракометари ќе имаат само два дена да ги средат своите редови пред вториот квалификациски натпревар, в недела во Кожани против Грција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА