ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Кире Лазаров не го криеше разочарувањето од претрпениот пораз од селекцијата на Холандија, особено поради начинот на кој на нашата репрезентација од данските арбитри не и беше дозволно да се врати во мечот за да се влезе во неизвесен финиш.
„Тешко е да се најдат вистинските зборови во една ваква ситуација. Не дозволував еуфорија, но потајно се надевав дека можеме да победиме денеска, особено ако се земе во предвид самодовербата во тимот по ремито со Унгарија, но и атмосферата што ја создаваат нашите навивачи на трибините. За жал, тоа не се случи, не успеавме да стигнеме до резултатот што го посакувавме. Направивме грешки во финишот од првото полувреме со играч повеќе на теренот, противникот тоа го казни и замина на одмор со предност.
Македонија покажа карактер и успеа да ја намали негативата, но судискиот критериум на данските арбитри беше клучен фактор за Холандија да го добие мечот со конечните пет гола разлика.
„Исклучително е тешко да играте против Холандија, репрезентација што го казнува секој момент на невнимание. Зборував со моите ракометари и им објаснував дека треба да внимаваме, да не правиме непотребни исклучувања, но критериумот беше нешто сосема поинакво. Невозможно е да играте кога половина полувреме сте со играч помалку, кога противникот ќе има 12 пенали. Точно е дека тие се добра офанзивна репрезентација, но таа бројка од 12 пенали сепак е превисока. Ова личеше на се, само не на натпревар од едно големо натпреварување како што е светско првенство“, реален беше Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

