Лазаров по Бахреин: Имаме доста работи за поправање…

Селекторот Кире Лазаров е задоволен од победата, но не и од играта на македонските ракометари на дуелот со Бахреин на кој отпорот на реално послабиот противник беше скршен дури во последните десетина минути од натпреварот.

Пред Македонија се уште две контроли во Винтертур, денеска со Украина и утре против домашната Швајцарија, мечеви на кои Лазаров не крие дека очекува да види подобра игра од својата селекција.

„Пред се сме задоволни што сме овде на овој силен турнир што го избравме за да имаме квалитетни контроли пред ЕП. Добро трениравме, победивме, тоа беше нашата примарна цел и успеавме да славиме против една борбена репрезентација како Бахреин. Имаме доста работи за поправање, не сме баш задоволни од играта, но ова е само прв меч. Се надевам дека на следната средба ќе бидеме подобри, па потоа и уште подобри на третата и полека ќе ја кренеме формата за она што ни претстои – настапот на Европското првенство“, истакнува Лазаров. 

Денешниот натпревар во кој Македонија за противник ќе ја има селекцијата на Украина е закажан со почеток во 17.45 часот.

Се вчитува...